Бура

Го држам јажето цврсто со обете раце, толку цврсто што започнувам да го чувствувам како ми се врежува во дланките. Од време навреме губам сила, само на момент, но само тој момент е потребен за да ми се протне низ дланките, со толкава брзина што предизвикува триење, така што можам скоро да го измерам времето на покачување на температурата во моите дланки.

Ветерот дува, брановите се зголемуваат со секој нареден удар по моето бродче. Морам да го задржам бродчето над брановите, над површината на водата. Морето е пенливо и разјарено како некое бесно куче на кое што му тече пена од устата, точно пред да нападне некого. 

Секаде околу мене е темнина и светлина. Вечната борба, стара како самото време, како универзумот, доброто и злото, бог и ѓаволот, борба за превласт за тоа кој да биде тотален владетел на просторот, на сѐ што ме опкружува. Облаците надвиснати над мене, ги отвориле своите пазуви и испуштаат огромни количини на вода, пробувајќи да го наполнат и така скоро преполното бродче со вода, сакајќи да ми ја ускратат и она мала количина на надеж што ја имам. 

Бродчето тоне, брановите удираат во него со огромна сила, како некој џин што замавнува по мене, а јас и моето бродче на негова милост и немилост сѐ што можеме да направиме е да пробаме да ги избегнуваме неговите удари, колку што можеме подобро. Ова успева од време на време, но повеќето пати го примаме ударот со полна сила. 

Во тој момент, пробувам да го задржам јажето од малиот јарбол, кој што личи како чепкалка за заби во споредба со џиновскиот океан. Ладниот ветар и секавиците прават да личи како да се тресам од студ, повеќе отколку што тоа навистина се случува. 

Извикувам на цел глас, навидум поразен, потопен, преладен, изморен, гладен и жеден. На сред океан, на средина во целата оваа црна течност, невреме, ветар и секавици, го кревам погледот нагоре, кон темните небеси на океанот и му пркосам и покрај целата мака што ја имам за да го задржам бродчето над вода, му пркосам и не попуштам. За инает ќе ја чувам надежта во мене, надеж дека ќе дојде крајот и на ова бреме, дека ќе го видам сонцето. 

Нова секавица се разлеа како некое поточе од вода по темниот свод над мене, ми ја осветлува околината, а баш таа светлина е онаа која ми е најмила. Таа светлина ме потсеќа на ден, на сонце и топлина.

Јарболот го снема, бродот потонува, јас пробувам да останам на некое парче дрво што плута до мене, но бурата е премногу јака. Ме повлекува водата како некој да ме влече за нозете, течноста сака да дојдам кај неа, во длабочините, да ме има, да бидеме заедно повторно. Уште еден пријател во низата на пријатели кои вечно почиваат со неа. Успевам да се опирам, упорно и тврдоглаво испливувам на површината, држејќи се до моето парче дрво, како да ми е најдобриот пријател на светот. Ова парче дрво, како единствената цврста материја, како подлога на која што можам да се одржам, ме дели мене од мојот нов дом во длабочините на океанот.

Тонам надолу, во вртлог од меурчиња, парчиња дрво, платно, кревет и опаковки од чоколадо. Одам сѐ подлабоко и подлабоко. Уморен сум, премногу уморен, не сакам повеќе да се борам, сакам само да одморам, да се опуштам и да се чувствувам убаво. Не можам да го издржам веќе притисокот од неизвесноста. Се препуштам на таа течност, ја оставам да ме води како единствена светлост во мракот. Сакам да се чувствувам убаво, не можам да ја издржам борбата веќе, не сакам да бидам во мракот, ги сакам повторно боите на сонцето. Сакам топлина да осетам, разни бои и чувство на екстаза. Ја земам повторно течноста, ох боже наскоро сѐ ќе биде добро. 

Болката е моментална додека металната игла не ја продупчи кожата. Притискам со дланката на шприцот и веќе можам да почувствувам како се враќам назад во моето бродче, како бурата се расчистува, океанот се смирува и сонцето повторно ме грее. Седам во моето бродче, гледајќи ја целата таа плава боја над мене и под мене и заедно пловиме по мирната вода. Нема ниту едно облаче на хоризонтот. 

ментор: Фросина Пармаковска

Напишете коментар