Дана е моја другарка скоро 1 и пол година, буквално откако пристигнав во ова крајбрежно градче пред исто толку време. Се запознавме во болницата каде што таа работеше како волонтер, а јас бев пациент тогаш, најден на обалата со дупка во мојата меморија поради која незнав скоро ништо за себе ниту за своето минато.
Таа беше првата личност што ја видов откако се разбудив. Ме држеше за рака додека докторот Мичел пробуваше да ме врати во живот. Цел ден го помина со мене додека јас неколку пати губев свест.
Денови подоцна откако бвв донесен во болницата, ме прашаа за моето име. Ми беа потребни неколку обиди, но на крај сепак успеав да се сетам на него – “Се викам Фрак“ – им кажав. Моето име за Дана и доктор Мичел беше чудно и несвојствено за овој регион.
Следеа прашања како кој сум, од каде сум и како сум се нашол на плажата со голема рана на мојата глава, која ми кажаа дека е од удар на некој остар предмет. Исто така сум имал и исекотини по рацете, убодна рана, од истиот оној предмет, помеѓу третото и четвртото ребро, која за среќа не била премногу длабока.
Она што можеби беше најинтересното нешто кај мене, не беше самата несреќа или фактот што ја преживеав, туку дека имав по 9 прсти на рацете и нозете (на секој екстремитет фалеше малиот прст) и дека имав танка скоро проѕирна кожа помеѓу секој прст на нозете и рацете, слично како што имаат патките или пак жабите. Овој редок феномен, направи да се најдам во центарот на вниманието на малото градче, па и подалеку.
Градот во кој се наоѓав беше доста мал, само неколку илјади жители, па така вестите за моето пристигнување во болницата, како и за моите уникатни екстремитети, ја распали имагинацијата на луѓето и веста се ширеше низ улиците како шумски пожар.
На останатите прашања кои ми беа поставени, од каде сум и како сум стигнал до брегот на ова градче во ситуацијата во која бев пронајден, сѐ што можев да им кажам е дека бев бркан од некого, точно не можев да се сетам кој и дека живеев на морето. Одново и одново пробуваше доктор Мичел да ми ги постави истите прашања само на различен начин или пак да ме доведе некако до моите сеќавања преку вметнување на предмети или ситуации во неговите прашања, но попусто беше сѐ. Со тотална сигурност знаев дека бев бркан или прогонуван од некого и дека пред да бидам прогонуван, живеев на морето. Претпоставката, која што беше општо прифатена од сите, беше дека сум живеел или пловел долго време на море и дека се случило нешто, некаков грабеж од страна на пирати, при што пробале да ме убијат, но јас некако сум успеал да избегам скокнувајќи во океанот. Поради мојот деформитет (паткини прсти) сум успеал да отпливам подалеку и побрзо, па така со малку среќа, сум успеал да стигнам до брегот и поради тоа што сум бил на крај на своите сили, сум се онесвестил.
До моето закрепнување Дана доаѓаше на посета скоро секој ден. Ми читаше од весниците, но само најинтересните случки, кои не беа премногу во ова мало место. Разговаравме со часови понекогаш, за нејзиниот живот, нејзиното детство, желбата да стане еден од најдобрите доктори во земјата и како сака да помага на оние на кои им е потребна медицинска помош, а и емоционална поддршка.
После 7 месеци бев целосно закрепнет и бев отпуштен од болницата. Кога доктор Мичел ми ги соопшти вестите дека заминувам, бев истовремено и среќен и тажен. Среќен затоа што конечно ќе испаднам во светот надвор од болницата и што ќе ги видам и искусам лично сите оние места за кои што ми читаше и раскажуваше Дана. Тажен затоа што болницата беше сѐ што знаев, таа беше мојот дом, а персоналот стана на некој начин моето посвоено семејство. Дана беше покрај мене и тогаш кога требаше да си одам од болницата. Мислам дека да не беше таа немаше да имам сила или храброст да ја напуштам мојата соба, која ми беше сѐ што знаев за целиот мој престој.
Дана ме однесе во една мала зграда, каде што сопствениците се согласиле да ми дадат една мала соба за да живеам барем неколку месеци бесплатно, додека да ми ги спремат документите во општинската зграда, па да можам да најдам работа. Бев пресреќен што имав своја соба, некое место каде што ќе можев да бидам сам. Добро ми беше во болницата, но мојот болнички кревет не беше единствениот во собата, така што добро ми дојде оваа промена на живот без “цимери“.
Документите ми беа спремни после само неколку недели. Појдовме заедно со Дана и доктор Мичел до општинската зграда за да ги подигнеме. Таму имаше мал одбор за пречек кога ми ја врачија личната карта и остатокот од документите, небаре некаква свеченост. Бев топло прифатен од сите во градчето, посебно од доктор Мичел, персоналот од болницата и од мојата сакана Дана.
Како поминуваше времето и се ближеше една година од моето пристигнување во градчето, доктор Мичел заедно со уште неколку мои сограѓани, решија да ми направат забава на плажата. Тики факели заедно со бел песок правеа патека како што само може да се види на Хавајските плажи. Дана ме чекаше на почетокот на патеката која водеше од делот каде што почнуваше плажата, па сѐ до неколку метри пред морето. Сонцето само што почна да заоѓа, а небото околу него како да расцутуваше во портокалова боја, која се прелеваше во боја на рубин при самиот хоризонт. Огнот од факелите правеше илузија дека е потемно отколку што навистина беше, додека песочна патека се истакнуваше со својата бела боја.
Дана ме чекаше пред почетокот на патеката. Беше облечена во Хавајска народна носија што се состоеше од цветен венец, бикини направени од цветови и белегзии од листови на двете нозе. Нејзината кожа имаше чоколадна боја, косата и беше распуштена и исчешлана во мазни прамени, додека на устата носеше светло црвен кармин. Со преслатка и нежна насмевка го стави ѓерданот од цветови на мојот врат. Пеперутки започнаа да играат во мојот абдомен, срцето ми чукаше забрзано, зениците ми се раширија, а нејзиниот допир беше како електричен набој кој минува низ целото мое тело, во тој момент сфатив дека сум заљубен во неа. Оваа реализација како да отвори некаква брана во мене, добив наплив од емоции, инстинкит за да ја допрам, да ја имам. Мислам дека замалку што не ја зграпчив таму и тогаш, но успеав да се контролирам.
Забавата течеше во најдобар ред, игравме “Колку ниско можеш да се спуштиш“, се тегневме со јажиња, пиевме ладно пиво, запаливме логорски оган покрај брегот и печевме марчмалоу. Беше премногу добро за да е вистина, што во мојот случај беше и точно, затоа што после само неколку часа, забавата ќе се пртвореше во кошмар.
Неколку од моите пријатели од болницата, болничари, се поднапија повеќе одошто треба и одлучија дека е добра идеја да ме зграпчат за рацете и нозете и да ме фрлат во плиткиот дел од морето, точно кога почна да се замрачува. Под дејство на алкохолот, ова им личеше како супер добра идеја, од која на крајот сите ќе извадат едно добро смеење. Ме зграби едниот за нозете, другиот за рацете, јас веќе добро поднапиен, исто така не видов некоја лоша намера и ја сфатив шегата, па не се опирав. Останатите гости, вклучувајќи ги и Дана и доктор Мичел, броеја од пет наназад, додека двајцата кои што ме донесоа неколку метри внатре во водата, започнаа да ме нишаат, синхронизирани со броењето на толпата. Кога одбројувањето заврши, ме занишаа за последен пат највеќе што можеа и ме пуштија во правец кон морето.
Пред оваа случка, никогаш немав дојдено до морето, до брегот и плажата. Ниту еднаш откако ме пронајдоа на обалата, со повредена глава, избоден и испокинат, не дојдов повторно во морето.
Додека паѓав накај пенливата вода, можев да го видам одблесокот на небото и месечината која ме опсипуваше со своите зраци. До тој момент бев исполнет со среќа и задоволство, поради забавата што ми ја приредија моите пријатели и од фактот дека мојот живот беше совршен.
Допирот на водата во мене нешто смени, некоја бариера се скрши и разни делчиња и фрагменти на моето минато се ослободија. Блесоци од големи бели ајкули како пливаат околу мене, а јас ги галам нежно, опасна бура и секавици како блиц на фотоапарат осветлуваат бродска палуба околу мене, јас целосно гол, во темно зелена боја, држам во своите раце тело на млада жена, целосно искасапено, а солена крв и слатко месо од нејзината утроба ја насладува мојата глад …
Океанска бездна, толку длабока, каде што и најсилниот зрак на сонцето е беспомошен и не може да допре до дното. Во ова место јас се чувствувам заробен, затворен во неков сад или округла кутија, премногу тесна за мене, толку тесна што не можам веќе да издржам во неа. Со голем напор го пробивам ѕидот на мојот стар дом и за првпат ја чувствувам морската вода во овие длабочини каде што притисокот би го смачкал било кој друг човек во непрепознатлива каша од месо, крв и коски, но за мене тоа не претставува никаков проблем. Се ослободувам целосно од тесниот простор во кој што бев до претходно и за момент тотален мрак е околу мене, но само за момент. Видот ми се прилагодува на мракот во овие длабочини и по само неколку секунди, околу мене можам да видам сѐ. Како светлина да извира од сите предмети околу мене, ги оптегнувам рацете и нозете и тогаш за првпат сум слободен во водениот простор, а околу мене е голем облак од крв и парченца месо …
Млада девојка, во своите дваесетти со тажен, но и ужаснат израз на своето лице, се појави во мојата глава. Нејзината десна нога е откината од коленото надоле, а каде што некогаш имало совршена половина и стомаче, сега има дупка во која се гледаат дел од преостанатите органи и парчиња од некаов јајцевиден сад во нејзината утроба. Мали рипки ја колваат непрекинато по целото тело и се сладат со нејзината кожа и мускулно ткиво. Мене оваа слика воопшто не ме запрепастува …
Како на некој рингишпил кој се врти толку брзо што станува тешко да се распознаат фигурите што се возат во него, така и во мојата глава поминуваат овакви “блицови“ или халуцинации.
Ми рекоа дека откако ме фрлиле во водата, сум пропаднал на дното како камен, иако не било по длабоко од пола метар. Целото тело започнало да ми се тресе и оние кои биле најблиску до мене помислиле дека баш тогаш сум добил некој вид на епилептичен напад или нешто слично, па побрзале да ме извадат од водата. На еден од нив, му се причинило како да сум потемнал додека бев потонат, но тоа го објасни како игра на светлината во морската вода и алги.
Дана и останатите веднаш дотрчаа до мене, сите видно загрижени за моето здравје. Доктор Мичел ме прегледа и настојуваше да отидам во болницата на подетален преглед, но јас одбив затоа што навистина се чувствував подобро отколку кога било (барем откако се сеќавам). Навистина ме изнамачи сето она што го халуцинирав кога се случи незгодата покрај плажата. Грозоморни и кошмарни слики, чувства на задоволство, слобода, надмоќ и пред сѐ на ГЛАД. За цело време додека бев влезен во бизарниот свет со мртви тела, незамисливи бездни на океанското дно и огромни морски ѕверови кои беа мои миленици и мој плен, за цело ова време чувствував глад над сѐ.
Како минеа деновите, сѐ повеќе се потсетував на овие слики, овие мисли кои како муви непрекинато ми досаѓаа и скоро секој ден се враќаа во мојата глава. Со нив се враќаа и чувствата кои ги почувствував оној ден на плажата, но најмногу од сѐ беше присутна гладта.
Вака помина некој период во кој што јас упорно пробував да ја задоволам мојата глад, јадејќи прво по 4-5 пати на ден, па потоа по 10 пати. Ова беше моментот кога сериозно започнав да мислам дека нешто не е во ред со мене. Исто така некаде во овој период беше времето како започнав да се оддалечувам од пријателите со кои претходно скоро и да не поминуваше ден без да си проговориме барем по некоја реченица.
Дана и доктор Мичел ја приметија оваа промена кај мене и пробаа да разговараат со мене и да ми помогнат со мојот проблем, било да е тој од физичка или психолошка природа. Упорно ги избегнував незнаејќи како да им објаснам дека со секој поминат ден, чувствувам сѐ поголема и поголема глад, глад која колку и да јадам не можам да ја задоволам.
По неколку неуспешни обиди да стапат во контакт со мене и после моите многу избегнувања кога ќе ме сретнеа во супер-маркетот или пак пред мојот стан, Дана одлучи да се соочи со мене. После овој состанок мојот живот веќе нема да биде ист!
Дана ме пречека пред вратата на мојот стан, очигледно беше дека е изнервирана и лута на мене, посебно затоа што веќе неколку недели ја избегнував и неа и доктор Мичел. Кога ја забележав се вратија пеперутките во стомакот, возбудата, стравот, забрзаното чукање на срцето и електрицитетот што минеше по мојата кожа. Сакав да ја имам, да ја зграпчам и да ја гушнам силно, да ѝ кажам дека ја сакам и да ја бакнам со страст што би ја искажала мојата љубов кон неа.
Наместо сево ова само ја поздравив и пробав да се извадам “Дана извини, денес не сум во ред“ и реков безуспешно пробувајќи да ја убедам дека навистина сум болен. Таа ме погледна со прекорен поглед полн со лутина и неверување, па ми рече: “Знаеш дека воопшто не ти поверував, нели?“. За момент нејзиното лице ги изгуби скоро сите траги од литината и сега на него остана само тага, но овој момент помина и повторно се врати лутината. Намрштувајќи се уште повеќе од претходно, усните и се смалија за скоро половина од нивната оригинална должина и беа видно испакнати, оваа фаца доаѓаше до израз само кога беше премногу лута. “Извини Дана“ и реков во обид да ја смирам, “Навистина не сум во ред веќе подолго време. Не можам да спијам ноќе и се превртувам постојано. Преку ден имам главоболки и постојано сум поспан како последица од несоницата.“. Нејзиното лице скоро инстатно поприми емпатичен и скоро мајчински израз. Дојде поблизу до мене и ја зема мојата дланка во нејзините меки раце, кои спрема моите личеа како да се на некое дете. Со нежен и емпатичен глас ми рече “Зошто не си ми кажал за ова Фрак? Знаеш дека мене можеш сѐ да ми кажеш. Јас сум ти најдобрата другарка и со мене можеш за било што да зборуваш. Побогу, па јас и ти не се сеќавам некогаш да сме имале проблем да комуницираме.“
Го симна погледот кон земјата и направи пауза од неколку секунди, без да ме погледне, стискајќи ги дланките нервозно ми рече: “Добро Фрак, сега знам зошто се однесуваше изминатиов период така со мене и можам да разберам зошто го избегнуваше доктор Мичел, но еве, сега сум тука и можеме да разговараме. Би сакала да пробам да ти помогнам, знаеш дека ми значиш многу и дека твојата болка е на некој начин и моја болка. Те молам да излеземе и да поразговараме, можеби со самиот разговор ќе пронајдеш некакво решение или пак во најмала рака ќе ти биде подобро едноставно да си ја искажеш маката?“. Нејзините очи сега гледаа директно во моите, додека јас барав начин и изговор како да се извадам од уште една ситуација каде што требаше да се соочам со проблемот кој ме мачи веќе подолго време. Таа ме потегна нежно, држејќи ја мојата рака, со цел да ме наведе да го споделам со неа мојот проблем.
Не можејќи да одолеам на нејзиниот допир и на нејзината решителност, одлучив да одам со неа, да оставам да ме одведе некаде и да разговараме. Бев одлучен да ѝ раскажам сѐ што ме мачи, секако немаше никаков начин да знам дека ова беше точката од каде што нема да можам никогаш да се вратам назад, ова беше крајот на мојот живот.
Дана ме одведе до нејзината кола, за цело време не пуштајќи ја мојата дланка. Додека се возевме чувствував некаква мачнина во стомакот, нешто слично на трема, како да сум на првиот состанок со неа, но во реалноста јас веќе ја познавав добро повеќе од 1 година.
Дана запре покрај обалата, го исклучи моторот на колата, почека неколку секунди во возачкото седиште, а потоа се заврте кон мене, ме погледна со нејзините прекрасни кафеави очи и ми рече “Фрак, знам оти реков дека ние сме разговарале за сѐ и сешто и дека ти имам раскажано за добар дел од мојот живот, но ова што ќе ти го покажам сега, ова го немам покажано на никој. Би сакала ти да бидеш првиот кој ќе го знае ова.“. Јас се насмевнав и ѝ реков “Ќе ми биде чест и привилегија Дана“. На нејзиното лице започна да расте насмевка, а во исто време образите и заруменуваа.
Испаднавме од колата што беше паркирана точно пред почетокот на крајбрежјето, од тука понатаму продолживме да одиме пешки. Сонцето го започна својот ритуал на заоѓање точно на време за ние да можеме му да бидеме сведоци. Времето беше пријатно, песокот веќе започнуваше да се лади, а небото исшарано со по неколку осамени облачиња како да даваше завршница на прекрасната слика која што во живо се составуваше пред нашите очи.
Одејќи по работ на водата, Дана ми даде знак со главата да продолжиме кон карпите што се издигнуваа од овој дел на крајбрежјето. Јас пробав да изустам “Ама Дана …“, но таа ме повлече и нежно ми рече “Верувај ми Фрак, често пати работите кои што личат страшно и опасно, во себе крјат невидена убавина. За она што не очекува позади карпите, вреди да се ризикува“. Лицето повторно и го облеа насмевка и ми рече “Но еве, за да те охрабрам повеќе, еве еден охрабрувачки бакнеж од мене“. Ги собра усните и обвиткувајќи ги своите раце околу мојата глава, ме притисна силно кон себе и ме бакна на образот. Се насмевнавме двајцата и продолживме да се искачуваме преку карпите. Дана се чини како веќе да била тука многу пати, па со леснотија и напамет знаеше каде да ги стави нозете и каде да ги стави рацете за да може да се прекачи. Јас пак како некое трапаво дете со две леви нозе, во животот никогаш не сум се качувал на карпи (барем од кога паметам за себе) и ми беа потребни прилично голем број на совети и инструкции од Дана за да можам да ја следам. Неколку пати се лизнав и за малку ќе се струполев на камчињата што ја сочинуваа почвата под карпите, но за среќа имав добар водич и Дана ми помагаше сѐ додека успешно не се искачив на врвот од карпите. Она што ме очекуваше на другата страна беше запрепастувачко.
Малата плажа која се простираше пред нас на некои 50 метри, се состоеше целосно од бел ситен песок, опкружен од внатрешноста кон копното со прилично голем тревник и неколку дрвја. Веќе почна да заоѓа сонцето на хоризонтот додека се симнавме со Дана на нејзината “тајна“ плажа, така што ми личеше како од песокот да извира некаква светлина, како белата боја, поради контраста со раскрвареното зајдисонце, да блеска посилно од сонцето.
Долу на плажата, Дана ме одведе до средината, седна долу на мекиот и топол песок и ми рече “Дојди Фрак, седни овде. Ова е најдоброто место во мојот мал дел од рајот“. Јас нервозно и со доза на страв и возбуда ја прифатив нејзината понуда и седнав покрај неа, оставајќи мал простор помеѓу нас. Забележувајќи го ова, Дана се приближи до мене и ја навали главата на моето рамо. Во тој момент го снема стравот и нервозата, сѐ што остана на нивно место беше возбуда и љубов, а нејзината задоволна воздишка момент потоа беше голем триумф за мене.
Околу нас сонцето само што не зајде целосно, кога Дана ја крена главата, се заврте кон мене, додека нејзините прекрасни очи гледаа директно во моите. Навалувајќи се малку наназад, таа направи малку поголем простор помеѓу нас, како да сака да го види целото мое лице, образите и се заруменија и малку засрамено рече “Фрак … јас сакам да ти кажам нешто … ова мислам … сакам да ти кажам веќе некое време Фрак, ама … не знам, некако сѐ не беше добар моментот … потоа ти се оддалечи и јас помислив дека е тоа поради мене, дека можеби … дека ти можеби не мислиш исто како јас, но откако ми објасни за твоите несоници, се одлучив да дојдеме овде и … овде на ова место што мене ми е скоро свето, да ти кажам … па сакам да ти кажам дека …“. Ја ставив мојата дланка нежно на најзините усни во обид да ја запрам. Од овој мој гест, кој што претпоставувам беше неочекуван, таа се сецна малку, но по некоја секунда се опушти и го симна погледот кон моите гради. Ја допрев нежно на брадата, во обид да го крене повторно погледот кон мене. Така гледајќи ја и реков “Мислам дека знам што ќе ми кажеш Дана. И јас истото го чувствувам. Поточно сакам да ти кажам дека веќе долго време сум заљубен во тебе“. Изговарајќи ги овие зборови на глас, сфатив во тој момент колку навистина ја сакам.
Во нејзините очи можев да забележам како навираат солзи и во тој момент таа се фрли во моите прегратки и страстно се бакнавме. Овој бакнеж беше првиот бакнеж во мојот живот и беше совршен, таа беше совршена, местото беше совршено, со нејзини зборови, ова беше нашиот мал рај. Бакнежот како да траеше цела вечност. Целото време на светот за нас запре во тој момент, целиот свет престана да постои и јас сѐ што знаев и сѐ што ми беше битно беше Дана и она што го чувствувавме еден за друг.
Останавме на плажата така држејќи се еден со друг во своите раце, бакнувајќи се повремено, повремено гледајќи еден во друг исполнети со љубов. Дана започна да ја соблекува својата облека, прво блузичката на куси ракави, па потоа кусите панталони, за на крај да остане само во својата долна облека. Јас како шокиран гледав во прекрасното суштество пред мене, кое ја отфрли својата облека и ја покажа целата своја раскош и убавина пред моите очи. Дана полека започна да чекори кон водата која и покрај заоѓањето на сонцето, сѐ уште ја имаше онаа тиркизна боја, сега потемнета како последица од зајденото сонце. Додека чекореше, сега веќе доста близу до водата, се заврте назад кон мене, со поглед исполнет со страст и љубов и ми рече “Фрак, би ми се придружил ли во водата? Не би сакала да пливам сама“. Со заводлива насмевка се закикоти малку, го соблече градникот и се затрча последните неколку метри во водата. Ова што се случуваше сега пред мене, беше за мене истовремено и страшно и возбудливо. Никогаш до сега ми се немаше случено ова, никогаш до сега не сум видел гола девојка, бар не во овие година дена откако знам за себе, а никогаш до сега не сум видел нешто попривлечно и попримамливо како Дана.
Стравот траеше само една секунда пред да срипам како удрен од гром, да соблечам скоро сѐ од себе, освен шорцевите и да се затрчам кон Дана. Во водата ме чекаше таа, ме гушна, започна да ме бакнува, па потоа да ме прска со морската вода и да си играме во водата како деца кои првпат влегуваат во вода. Игрите запреа и сега Дана беше пред мене, таа беше со мене, нејзините раце беа обвиткани околу моето тело, а моите околу нејзиното. Со прстите ја поминував линијата на нејзиниот грб, нејзината танка половина, додека со нејзините дланки минуваше низ мојата коса и ме галеше по вратот. Страсно ја бакнав и повторно, како и минатиот пат, целиот свет и време прекина да постои, постоевме само јас и таа, оваа вечер, ова место и овој бакнеж. Кога запре, ги погледнав прво нејзините кафени очи што светкаа како две ѕвездички на замраченото небо, ги гледав нејзините образи, нејзините усни и нејзината коса. Сакав да го впијам секој момент што го имав со неа и никогаш да не заврши оваа вечер.
Месечината само што започна да го осветлува нашето тајно место, нашиот мал рај, сѐ додека не дојде до нас со своите зраци. Во мене во тој момент како нешто да се смени, осетив електрицитет по целото мое тело, дланките и стопалата започнаа да ми трпнат, а во главата слушав зуење или пак ѕвонење. Околу мене просторот започна да се врти, на небото ѕвездите се изгубија и ги замени сега само темен простор. Единствена светлина беше само онаа која доаѓаше од месечината. Моето тело не го чувствував како мое, туку на некој друг, некој ладен, бездушен и гладен. Во главата ми доаѓаа сеќавања од некое друго време, сеќавања на крв, коски и месо.
Чувството на вонтелесност продолжуваше и се осеќав како да лебдам внатре во моето тело, како рацете и нозете да ми ги контролира некој друг, некој кој што не сакам да ја добие контролата. Кожата низ целото мое како да се бранува и со секој бран добива темно-смарагдна боја. Забите во устата ми се издолжуваат и прошируваат до тој степен што непцата започнуваат да крварат, песјаците ми го бодат јазикот, а мали поточиња од крв течат по мојата вилица и капат во морската вода правејќи мали црвени облачиња во водата. Ноктите на прстите ми се издолжуваат и добиваат монструозни димензии, во исто време станувајќи остри како жилет. Кожичките помеѓу прстите на моите раце и нозе се обоени во кадифено црвена боја, а косата ми паѓа во цели пластови. Видот ми изменет исто така, црнилото на ноќта сега е заменето со многу посветла боја, која прави се околу мене да личи како светлината да излегува од предметите и околината. Боите се многу по живи и по изразени насекаде околу мене, мириси кои до тогаш не ги чувствував, се толку изразени што можам да одредам точна локација од каде доаѓаат и колку се стари. Срцето на Дана чука забрзано додека проба да го ја сфати целата оваа трансформација, сѐ она што можеби некогаш го има видено во хорор филм сега пред неа се остварува во реалноста.
На почетокот на мојата трансформација, таа сѐ уште пробуваше да ме спаси верувајќи дека сево ова се случува поради некаква алергиска реакција и дека треба да ме извади што побрзо од водата. “Фрак, Фрак!“ ми велеше “Ајде Фрак, ајде, мора да те извадиме од водата. Ајде почни да се движиш те молам Фрак. Движи се, помогни ми да те извлечам од водата!“. Кутрата Дана, ова во почетокот можеби личеше на алергија и реакција на алерген, но како одминуваше мојата трансформација, таа започна да сфаќа дека јас не сум болен, дека моето тело се менува во нешто монструозно, нешто нечовечко.
Нови сеќавања ја преплавија мојата психа, како разгенвено море тие удираа врз мојата едногодишна персона и ме уништуваа, го уништуваа моето ЈАС дел по дел.
Видов визии за стотици суштества како мене во темните длабочините на океанот како пливаат безгрижно ловејќи сѐ што се движи, големи бели ајкули и китови беа немоќни пред мене, пред моето племе. Мојот вид е далеку постар од човечкиот. Ние сме на оваа планета уште многу одамна, пред да се појави и надвладее модерниот човек, хомо сапиенс, со остатокот од светот. На копното човекот е алфа предатор поради неговиот интелект, затоа е и размножен во толку голем број. Ние од друга страна живееме илјадници години во најдлабоките делови на океанот. Ние сме значително помалку во бројност, неколку стотици во целиот свет, но нашата кожа може да издржи огромни притисоци, можеме да преживееме под вода целиот наш живот, ноктите и забите сечат низ најјаките човечки метали како да се хартија, а нашиот вид е комбинација од сонар и радар. Осетот за мирис ни е толку развиен што можеме со висока точност да одредиме и најмал мирис на огромни далечини, а пак звуци можеме да слушнеме и распознаеме со големам прецизност и селективно да ги одделиме од останатата бучава. Нашата брзина во морето и надвор од него е споредлива со најбрзото животно на светот, но сѐ ова не може да се спореди со нашата најмоќна способност, а тоа е способноста за комплетна мимикрија на човечко суштество, до таков детал, што човечките доктори не можат да увидат дека НЕ се работи за човек. Ова воедно е и нашата единствена слабост, заедно со фактот дека за да се размножуваме како вид, потребен е некаков домаќин во кој што ќе израсне нашата ларва сѐ до нејзино созревање, после кое излегува од него и го јаде како нејзин прв оброк. Нашата интелигенција, иако не на исто ниво како онаа на човекот, сепак е доволно висока за да ни дозволи меѓусебна комуникација, а таа, интелигенцијата, се зголемува со секоја наредна генерација. Има нешто посебно кај човечките домаќини за нашите деца, нешто што прави секое дете кое се испилува од нив да биде поинтелигентно. Не знаеме точно што е, но ни се допаѓа овој напредок, наскоро нема повеќе да биде човекот алфа предатор на копно, наскоро НИЕ ќе владееме и со копното.
Маската е падната. Илузијата која што беше Фрак, сега веќе не постои. Механизмот за привлекување на нов домаќин за моето идно дете функционираше совршено.
Дана ме гледа и не може да верува на своите очи, не може да верува на суштеството што стои пред неа, на предаторот во чија стапица паднала. Таа започнува да бега, но со неколку брзи чекори ја стигнувам. Ги заривам моите прсти во нејзиното меко тело, чувствувајќи како ребрата се кршат во мојата дланка и топлата црвена течност тече по моите раце.
Со голема љубов го вадам моето неродено дете од утробата и го заривам во телото на Дана. Таа писка, плаче и моли, моли да ја пуштам, ме преколнува, кашла крв и солзи се леат по нејзиното лице. Полека ја внесувам во океанот со моето неродено дете во нејзиното тело, сеуште споена со мојата рака во нејзиниот грб, ја завртувам со лицето кон мене за да ја видам за последен пат Дана, некогашната љубов на Фрак. Дана, домаќинот на моето дете, мојот плен, пред да се изгубиме во темните длабочини на океанот засекогаш.
Ментор: Фросина Пармаковска
