Седам пред вратата и се прашувам “зошто ли воопшто се појавувам на работа?“. Оваа мисла ми е веќе секојдневна. Секој ден истата работа, секој ден истата рутина. Стани во 6 сабајле, мачи се да станеш од креветот (нормално дека 5-тиот аларм веќе не може да се игнорира), полека полека како полжав на лист што остава лигавешка позади него, се влечам и јас до кујната. Значи, не до бањата прво да измијам заби (и онака 3 заба ми фалат веќе) или да измијам лице, туку прво до кујната, со последните сили до кујната. Не ми требаат ни заби, ни лице ни шминка, у пм, па кој нормален мисли на шминки во овој период, мене единствената мисла, единственото светло во тунелот го гледам во она што секој ден ми го прави инстантно подобар, нештото што секој човек (или барем повеќето) со душа чекаат да го испијат на сабајле, кафе. Таа црна и непровидна течност, горко, благо или средно, не е премногу битно, битно е да има кафе. Ќе му речев на волов што спие со мене да свари кафе, ама знам веќе од искуство дека на крај, ќе морам и за моето “мило маженце“ да варам кафе.
Успевам некако да дојдам до кујната, иако ми личи како да е со километри далеку, иако секое сабајле е истиот напор и истата борба за да не си продолжам уште 5 минути во кревет (кои нормално од 5 минути преминуваат во 2 часа), но сепак успевам да се изборам како Зена принцезата/воин (многу добра серија, мора да се изгледа повторно некој ден) за да дојдам до мојата награда, моето кафе.
Откако ќе го испијам кафето веќе сѐ е подруго, светот има подобри бои, птиците подобро пеат и воздухот е посладок. Ова е нормално само илузијата која ни ја дава кафето, но често пати илузијата е подобра од реалноста. Често пати илузијата е она што ме убедува да не рипнам од балкон или во некоја река. Знам дека често пати знам да претерувам и да правам драми каде што не постојат, но што да правам, таква сум си и таква ќе си останам.
Сум го испила кафето и се знае што следи сега, она најтешкото следи сега. Сега морам да излезам и да се качам во автобус полн со луѓе. Многу од нив ги знам, често патуваме заедно. Некогаш седиме заедно, некогаш пробувам да им направам муабет, би сакала да дознаам што прават, како се, дали имаат нешто ново во својот живот, но не добивам одговор. Тоа е до времето, си мислам. Современиот живот ни го направи ова, да бидеме толку блиску едни со друг, а сепак да сме толку далеку. Сепак не им замерувам, а и ми е гајле бе, ќе им правам муабет пак и пак и пак, некогаш некој ќе види ќе невиди, ќе мора да ми одговори. Чуден свет е овој, ем се возите заедно, ем не ти прави муабет. Али тоа е, на крај па и гајле ми е. Секако завршува брзо патувањето и додека трепнеш си веќе на работа.
Стандард, нели, колешката веќе стигнала пред мене и нормално мене ќе ми следи дрндање од шефот! Ама па што да правам, не го возам јас автобусов. Нека бидат среќни што воопшто станувам од спиење и што воопшто идам на работа. Можам многу лесно да си останам утре во кревет и кој ги шиша.
Добра е Барб, тоа е мојата колешка, сепак, не можам да речам нешто лошо за неа. Си ја работи работата и секогаш е на време, дури некогаш и пред време. Некогаш ме нервира тоа кај неа, па може некој ден да закасни, па не само јас да бидам таа на која и се дерат, уствари не знам шо па она е повеќе од мене, кога и јас можам да дојдам на време како неа, ама ете нејќам бе, нејќам. Уствари сакам ама не, тешко ми е мене тоа станување толку рано, па кој нормален станува толку рано.
Веќе тука доаѓа делот каде што стигам на работа. Пред да влезам се спремам психички за оној идиотон пак да се дере “ПАК КАСНИШ!, ВИДИ ЈА БАРБ КАКО СЕКОЈ ДЕН Е НА ВРЕМЕ, ПА ДУРИ И ПРЕД ВРЕМЕ!“. Искрено се што слушам јас е “БЛА БЛА БЛА БЛА!“. Ма што сака нека зборува и јас исто така имам работа, па и јас сум човек.
Овака си беше скоро секој ден, сѐ до еден ден, еден кобен ден кога целиот свет се преврте, кога мојот принц на бел коњ стана гомнар на магаре!
Што се случи тој ден, епа тој ден открив дека ОН ме мамел со ОНАА никаквана. И нормално јас да му вратам, решив да се самоубијам.
Починав де не е нешто страшно, аман. Како нешто бог знае што да е ова умирачкава, ма неее, ништо полесно. Нормално и јас како и сите се плашев дека ќе ме нема, дека ќе умрам, па ова па она. Умирачкава ништо комплицирано немало. Не ти се живее веќе и еден ден решаваш да се убиеш, си мислиш “Он мене ќе ме мами со друга, мамичето негово, епа ќе се убијам и ќе видиш после што си изгубил, ЌЕ МЕ БАРАШ АМА ЌЕ МЕ НЕМА!“. Супер ми беше планот, значи ќе испијам еден куп апчиња и ќе умрам спиејќи, пред тоа нормално, се избањав, се исчешлав, парфемче, сенка за очи (од скапата нормално), кармин крваво црвен, малку руж на образите и за крај, креветот со латици од ружи околу мене. Ги испив апчињата, легнав во најдобрата позиција што можев да ја замислам и и…
И што, умрев нормално. Ах да, заборавив дека оставив и писмо, замисли уште и писмо му оставив бе, глупача, уффф колку се мразам, значи, стварно.
Имав се смислено: ОН доаѓа во станот кај мене, ме наоѓа мртва, не знае што да прави од болка, од тага. Сфаќа дека ме сакал отсекогаш и дека уствари и никогаш не ни престанал да ме сака, дека онаа мочлана, никаква, недоквакана, уффф колку ја мразам значи, дека ОНАА никогаш ништо и не му значела. За на крај и тој да ми се придружи мене во рајот, заедно двајцата, еден до друг на креветот, како Ромео и Јулија, заедно засекогаш …
АМА она што навистина се случи е: тој никогаш не ни дојде, значи ни на погребот бе, ОН си бил со ОНАА на одмор некаде и воопшто не ни слушна за мојата смрт, али за тоа пак кога се врати веднаш си го побара неговиот Air Frier, кој што го купивме ЗАЕДНО! Значи, колку го мразам не можам да опишам.
Јас наеднаш се наоѓам мртва, него баш му е гајле за мене, си уживка со ОНАА, си живеат заедно, си одат на одмори, бла бла бла, шпанска серија која никогаш нема да потрае.
И тука веќе доаѓаме до моментот каде што стојам пред болницата, пффф ако може да се нарече болница, ментална институција каде што работи ОНАА како медицинска сестра, значи стварно, не знам кој воопшто ѝ дал работа на кокошкава, значи, она треба да е пациент тука, а не медицинска сестра. Чиста среќа имав што налетав на НИВ двајцата пред еден месец, ја следев до оваа болница, па сега можам да ја стресувам од време на време. По некој допир на вратот со моите ладни, мртви и проѕирни прсти, поместување на предмети кога не гледа и најдоброто, од време на време кога ќе излезе од собата на некој пациент, ќе ѝ ја занишам вратата, ахахаха, чекај да види она кучка низаедна, она ќе ми зема што е мое. Сега никогаш повеќе нема мир да има, секогаш ќе бидам тука за да ѝ го загорчам денот. Ќе види таа што е ЖЕНСКА БЕЉА!
ментор: Фросина Пармаковска
