Плен

Лежам мирен и не мрдам. Пазам да не случајно почнам да се тресам од страв, затоа ги активирам повеќето мускули во телото и како некој труп лежам во креветот. Дишењето веќе одамна ми е прилагодено да биде тивко и нечујно, земам воздух само онолку колку да не се угушам. Дишам со стомакот, за да не предизвикам премногу движења со градите па да ме забележи. Полека доаѓа до мојот кревет, се наведнува над мене и ме набљудува неколку минути кои како да треба цела вечност за да помине. Не смеам да мрднам, мора да изгледа како да не сум жив воопшто, само тоа функционира, само така ќе ме одмине. 

Еве чувствувам како веќе не е над мене. Се слушаат неговите чекори како се оддалечува од креветот. Воздивнувам и земам воздух, а во тој момент чекорите запираат и не го слушам повеќе. Веднаш прекинувам со какво било движење и сум целосно мирен и здрвен. Чекам да направи некаков звук што ќе ми даде до знаење дали се оддалечува од мене или иде кон мене. Слушам како моето срце бие во градите сѐ погласно и побрзо, во исчекување на неговиот следен звук. Штурчето надвор ја свири својата песна, црвот си ја работи својата работа копајќи долги тунели низ дрвената рамка од мојот кревет, но како некое куче, пробувам со сета сила да се фокусирам само на звуците кои доаѓаат од НЕГО. 

Слушам повторно чекори, ритамот на срцето се забрзува, додека срцебиењето станува сѐ погласно во моите уши, но чекорите ниту се доближуваат до мене, ниту се оддалечуваат. Само малку ја помрднувам главата, претпазливо да не направам премногу нагло движење, за да не ме слушне или да не забележи некоја сенка на ѕидот произведена од мојата глава. Не можам да видам ништо освен силуета од човек на крајот од моето око.

Чекорите продолжуваат, јасно можам да слушнам дека се движи лево од мене и дека се оддалечува од мојот кревет. Но тоа значи дека оди кон креветот на мојот брат, кој цврсто спие и помалку ‘рчи. Ги слушам чекорите како се доближуваат кон мојот брат, стануваат сѐ поодалечени од мене, додека тој се доближува кон него. Ме обзема страв, не сакам да мрднам од мојот кревет, овде сум сигурен, но брат ми не е. Срцето ми чука сѐ посилно и побрзо, неговото биење го слушам како удари од тапан во моите уши. Морам да му помогнам на брат ми, не смеам да го оставам сам со него. Уште неколку чекори и веќе е кај него, немам повеќе време за губење, морам да направам нешто или тој ќе стигне до мојот брат. 

Ја собирам целата моја воља за да станам од креветот. Нагло станувам од креветот и се вртам кон него. Го гледам директно во очите, исполнет со чувство на страв, возбуда и лутина, спремен да се соочам со него и да направам сѐ што треба за да му помогнам на мојот брат. 

Ме забележа. Се завртува кон мене и погледот негов директно продира во моите очи. Ова е моментот, нема враќање и нема бегање од ова, а и да сакам да бегам нема каде. Собата ни е на третиот кат од куќата, тато и мама не се дома, заминаа на една од нивните месечни романтични вечери, што значи дека јас сум единственото нешто што може да застане помеѓу него и мојот брат.

Облечен во некаков темен материјал, толку темен што личи како месечевата светлина да се губи во него, како да отсекол дел од собата на местото каде што стои, не дозволувајќи на моите очи да увидат ниту една испакнатина што би го обликувала неговото тело, како бескрајно длабока темнина да го заземала местото на неговото тело.

Ги раширува рацете два-три пати поголеми од моите, oчите му светкаат со ѕвезден сјај под слабата месечева светлина која навлегува длабоко во нашата соба. Едвај забележливо можам да видам мала насмевка на неговата уста која се зголемува и се искривува во целосен потсмев на ситуацијата во која се наоѓам и во неговата надмоќ над мене, за која што е целосно свесен. Неговите нокти се долги неколку сантиметри и светакаат на слабата светлина како врв на српови. Лицето му е бледо и издолжено, многу подолго од човечкото. Не можам да забележам влакна на лицето, а не гледам ниту коса на главата, само избрчкана бледа и скоро сива кожа низ целото негово лице.

Ја отвора устата и ги покажува своите долги жолти песјаци, кои и покрај месечевата бела светлина, сепак не можат да ја добијат онаа посакувана бела боја. Скоро нечујно направи неколку чекори кон мене, што на обичниот набљудувач би му личело повеќе како ТОЈ да лебди накај мене отколку да чекори. 

Носферату беше официјалното име на ова суштество, кое иако личеше на човек, никогаш воопшто не било човек. Единствена заедничка сличност со човекот е тоа што беше хуманоидно, имаше две раце, две нозе, торзо, глава и одеше исправено, но помалку очигледно беше неговата гола и збрчкана кожа, без ниту едно влакно, со сива боја која имаше дебел слој на изолациски материјал под неа, што правеше суштеството да може да поднесе многу ниски температури и да има скоро непробојна кожа. Мускетата, ножевите и бајонетите скоро и да немаа ефект врз ова суштество, кое како да беше направено да биде совршениот предатор, алфа предатор.

Додека се доближуваше кон мене, за цело време погледот му беше вперен директно во моите очи, сѐ со цел да проба да ме стави во хипнотичен транс со тоа што ќе ми вметне чувство на несигурност и поспаност преку својот поглед, на тој начин да ме направи полесен за ловење и хранење. Слично како кога ловевме жаби со тато една ноќ, употребивме фенер со карабит, кој што зрачи со јака бела светлина и светевме директно во очите на жабите, а тие како хипнотизирани само стоеја за ние многу лесно да ги извадиме од водата со голи раце. 

Со голема самодоверба го помина и последниот метар кој што нѐ делеше во не така големата соба. Ги рашири рацете уште повеќе, ја отвори устата колку што можеше повеќе и со молскавична брзина ме зграпчи со рацете и тргна да ги зарие неговите песјаци во моето срце од каде што ќе можеше да ја испие целата моја крв во рок од десетина секунди. 

Ова ќе беше крајот за мене ако бев само едно обично дете. Како најмладиот ликантроп (народот не викаше врколаци) во мојата глутница, бев доволно способен како и останатите од глутницата и знаев дека можам да ја извршам мојата света должност, дека можам да се одбранам себеси и оние кои беа плен на суштествата како НЕГО, плен на Носферату, на вампирот. 

Моето срце веќе не биеше со страв, во него чувствував како мојот гнев и мојата жед за правда, желба за помош на сите кои што беа беспомошни пред вампирите, на сите кои биле убиени и исцедени до последната капка крв од страна на овие демони, да ја осетат мојата праведност и да го вкусат ужасот што го чувствувале нивните жртви. Облеан во овој океан од чувства, мојата трансформација беше инстантна. Болката на чинот на трансформација е голема, но мојата должност и емпатијата за ужасите кон жртвите идни и минати на вампирот го будат во мене ѕверот кој што е потребен и единствен што може да извојува победа над ова суштество.

Во тој момент големината на вампирот, неговата брзина, неговата практично непробојна кожа налик на онаа од носорог, не значеше ништо спрема мојата моќ, спрема моќта на ѕверот кој што одеднаш го завзеде моето место во рацете на вампирот. Она мало и слабо дете од 15 години кое пред некој момент беше пленот на вампирот, сега беше предаторот. Сега пред него стоеше “Божјиот Волк“ во целата негова величенственост и моќност, со висина од два метра, моќни мускули, тело на хибрид од човек и волк, со песјаци и нокти кои сечеа низ 10 сантиметри челик како да е хартија, вампирот го изгуби оној потсмев што го имаше од претходно, сфаќајќи дека ТОЈ СЕГА Е МОЈОТ ПЛЕН!

Ментор: Фросина Пармаковска

Напишете коментар