Ми се допаѓа хотелов, на крајот од градот е, далеку од градската бучава каде што можеш да се опуштиш и да уживаш во моментот. Од подотворената балконска врата се слуша шумот на дрвата и распеаните птици кои ја најавуваат пролетта. Си мислам, ќе му се допаднеше хотелов и на Марко. Ќе го поминевме цел ден во кревет, а вечерта можевме да уживаме во тишината во градината со чаша црвено вино во раката, гледајки го ѕвезденото небо кое секогаш будеше восхит во нас.
Додека мојот “мил сопруг” Александар ги распакуваше своите алишта не знаејки дека за кратко време ќе мора повторно да се спакува, јас седев на софата и бев загледана во сликата која се простираше на ѕидот. Безвременска убавина, симбол за женственост и сексипил, полни усни, тело на песочен часовник, кој ако не Мерлин Монро. Огромна слика од Мерлин Монро се наоѓа на ѕидот наспроти мене, се прашувам што се случи со дефиницијата за женската убавина, сѐ што можеме да видиме денес се силикони и напумпани усни. Следно ми поминува низ главата што е тоа што имаме заедничко со Мерлин Монро, па кога ќе размислам имаме заеднички работи, на пример, тоа што и на двете ни згаснал животот на ист начин и на иста возраст.
Станувам набрзина и излегувам на балконот, додека мојот сопруг не ни приметува дека јас повеќе не сум во собата. Седнувам на балконската бела ограда со нозете кон надворешната страна од оградата и ги затворам очите. Следен момент ме буди од сон гласен звук кој во почетокот не знам од каде доаѓа. После неколку секунди сфакам дека се тоа сирени, станувам да видам што се случува и каде всушност јас се наоѓам. Звукот доага од амбулантните и полициските возила кои се доближуваат. Погледнувам на другата страна и се гледам себеси како лежам на бетонските плочи во дворот на хотелот, под мојата глава има локва крв, а белиот сатенски фустан повеќе не е бел, сега е прекриен со црвена боја.
Конечно кошмарот за мене е заврешен, чуствувам леснотија, повеќе го нема товарот кој сама го носев долго време на своите плеки, следен на ред да го поноси е мојот сопруг кој е седнат покрај моето тело и липа. Кога вака го гледам скоро и му поверував дека му е жал што повеќе ме нема. Во весниците и на социјалните мрежи ќе прочитате за “депресивната” жена која си го одзела животот скокајќи од собата на хотелот, нормално тоа е причината според Александар. Пријателите ќе се чудат како една толку ведра, насмеана и енергична личност може да е депресивна и да се одлучи на таков чекор? Ќе ги има и оние коментари од непознати луѓе кои знаат сѐ: “Збеснала од пари, што да прават другите луѓе кои одвај врзуваат крај со крај?”, “Нас да нѐ ни тече мед и млеко, па не извршуваме самоубиство!”, “Кога е глупава кој ѝ е крив?” итн. Луѓе, тешко е да го разберат тоа што не го знаат и токму затоа го сметаат за ненормало. Доколку пред 30 години им кажевте дека денес ќе имаме паметни телефони ќе ве направеа луди. Исто е и денес, доколку вашите идеи и начин на живот не соодвествува со нивното размислување најверојатно вие сте луди. Чест на исклучоците кои знаат дека секој човек има право на свое размислување, начин на живот и не пробуваат упорно да ве убедат во своите уверувања.
Но да се вратиме назад, да ви ја раскажам јас мојата приказна. Сѐ започна пред повеќе од 7 – 8 месеци кога отворивме канцеларии и надвор од градот каде што е примарно регистрирана фирмата. Тогаш започнаа честите отсуства од дома на мојот сопруг, па нормално нели мораше да се подготви сѐ за отворањето на новите канцеларии, требаше да се опремат просториите, да се најде соодветен кадар итн. И приказната ќе беше до некаде доволно убедлива да не продолжеа толку често “службените патувања”, “состаноците со клиенти”, “исцрпеноста на Александар” кој доаѓаше касно дома, исцрпен од работниот ден неможејќи да ги задоволи потребите на својата жена. И нели, како што велат, нападот е најдобра одбрана, секој пат кога ќе пробав да разговарам со него за тоа дека веќе речиси и не поминуваме време заедно, а не пак да водиме љубов, одговорот беше: “Па јас цел ден не уживам, работам, еј работам за нас, не може сѐ наеднаш!” или пак “Твоја беше идејата за проширување на бизнисот, тоа си има своја цена која мора да ја платиме, но не се секирај, ќе помине и овој период”. Да, се ова се случува поради мене! Кавгите зачестија, барав да го решиме проблемот што го имаме, но немаше проблем нели “сѐ си беше супер”. Кога го прашав Александар дали постои друга жена, одоговорт беше “Вие жените имате бујна фантазија, секогаш гледате работи кај што не постојат!” Очигледно беше дека не можеме да го решиме проблемот, затоа што во главата на мојот сопруг сѐ беше како што треба да биде и немаше никаков проблем.
Поради честите расправии и стресот кој се собираше, зачестија ноќите кога не можев да спијам. Побарав стручна помош и користев таблети за да можам да заспијам. Според мојот сопруг ова беше првиот знак дека сум станала депресивна од филмовите што си ги правам во мојата глава. Веќе ми беше јасно што требаше да направам следно, пред да го изгубам моето физичко и писхичко здравје. Морав да најдам докази дека сопругот ме изневерува, а потоа можевме да разговараме и за развод. Затоа што тогаш другата жена нема да биде дел од “моите фантазии”, туку дел од нашата реалност. Размислував што да направам, како да најдам доказ, можеби да го следам? Не, ова беше премногу. Следно што ми падна на памет беше да ги проверам трансакциите од претходните месеци, можеби ќе најдам нешто. Прво нешто што најдов, без притоа да се потрудам, беше дамка, црвена дамка на кошулата на Aлександар, која нели, не беше од кармин, може да е од што било, од храна, на пример? Ах ти луда жено, само нешто фантазираш!
Следеше следниот доказ, трансакција од пред неколку дена во бутик за долна облека, тука мојот сопруг збесна, не заради трансакцијата туку заради тоа што не му верувам и го проверувам, а сега и веќе сум го уништила изненадувањето. Кутар тој, сакал да ме носи на “романтична вечера” викендов и ми купил дури и подарок да ме изненади, но нели, сега не може да ми го даде затоа што го заборавил во канцеларија. Наредниот ден го добив подарокот, дури ја имавме и вечерата која што требаше да биде изненадување. Дека поверував во цела оваа приказна – не, но вечерата помина одлично на мое изненадување, најверојатно поради алкохолот. Се присетивме на интересните случки од минатото кои сме ги поминале заедно, дури и кога се вративме дома водевме љубов. Бев убедена дека ова нема да се случи, затоа што после сите негови лаги ми беше повеќе одбивен отколку привлечен, но после доаѓањето дома плановите се сменија. После неколку испиени чаши вино и црно-црвениот корсет кој ја истакнуваше мојата тенка половина и цврстите гради добив желба за водење љубов. Да не го спомнувам и фактот дека веќе 3 месеци немавме интимни односи, па добро, сепак ми е сопруг нели може да се направи исклучок.
Сепак работите не се средија, ова беше само привремено, започнаа повторно неговите службени патувања. После две недели, во петокот замина, но овој пат на конференција со Марко, неговиот партнер. Како доказ дури ги имаше и оставено картите на маса. Беше доцна попладне кога замина, јас излегов до канцеларија, требаше да оденесам некои документи. Кога стигнав канцеларијата сѐ уште беше отворена, а веќе беше 8 часот навечер, си помислив некој добро заглавил пред викенд. Светлото беше запалено само во канцеларијата на Марко, тогаш се сецнав, дали е можно да е Марко овде? Марко кој замина на конференција со мојот сопруг пред неколку саати? Влегов кај него во канцеларија зачудена што го затекнувам овде. Изненадувањето не беше толку големо колку што јас го интерпретирав, затоа што секако не поверував во приказната на мојот сопруг. Го прашав: “Марко што правиш овде?” Сега веќе и он беше зачуден, кој е проблемот да биде во својата канцеларија, па дури и во 20 часот, тоа не е нешто невообичаено за него.
Марко не беше тип на човек кој ја претпочиташе канцелариската работа, всушност ретко и кога доаѓаше во канцеларија, само кога мораше. Нешто што многу ми се допаѓаше кај него е што живееше според свои правила и норми, не дозволуваше општеството да му наметнува никакви ограничувања. Беше авантуристички настроен, кога ќе го види човек ќе помисли дека е бестрашен, но верувам дека секој човек има свои стравови само што Марко добро ги имаше скриено. Често знаеше да патува и да ги завршува своите работни обврски од кое било место на планетата земја, затоа што можеше да си го дозволи тоа.
Ми одговори низ смеа: “Знаеш, се вратив денес во земјава па морав да потпишам некои документи, поарно сега оти не знам до кога ќе се задржам. “Но како, нели замина на конференција со Александар?” На следното мое прашање се појави збунет израз на лицето на Марко, но по кратко време проба да се извади: “А да, да требаше ама јас касно се вратив, авионот каснеше и немав време да стигнам”. Генијален план нели, Марко не е тука, ќе речам дека бил со мене, па кога ќе се врати ќе му кажам и ќе ме покрие ако дојде да има потреба од тоа. Веќе не можев да издржам, почнав да врескам, ми дојде преку глава да ме прават будала, кај Александар па сега и Марко. Го извадив телефонот да му звонам на Александар: “Ајде сега ќе го прашам како си поминувате, баш да видиме дали ќе ми каже дека ти не си со него!”. Тогаш Марко ми ја фати раката и ми рече: “Чекај, смири се, седни те молам”. Седнав на софата која се наоѓаше наспроти неговото биро на другиот дел од канцеларијата, а неколку солзи се стрклаа по моето лице додека Марко ставаше виски во две чаши. Седна до мене и ми ја подаде едната чаша: “Повели, да се смириш”. Отпив една голтка и се свртев кон него со поглед кој што го молеше да ми ја каже вистината: ”Те молам Марко, кажи ми ја вистината! Ти не ни знаеше дека ќе те вмеша во своите лаги, нели? Знам дека има друга, има друга нели?”.
“Ок! Ќе ти ја кажам вистината, но те молам ова да остане меѓу нас, не сакам да се најдам во средина”. “Не се секирај, ништо не сум слушнала од тебе. Само сакам да ја дознаам вистината!”. “Вистината е дека јас немам појма за никаква конференција, ништо не сме се договарале. Жал ми е! Не знам која е причинта што ти кажал така, но тоа не значи дека те изневерува”. “Те молам Марко, не сме мали деца! Фала ти, сега ми е полесно да ти кажам, затоа што на моменти се сомневав дека можеби стварно јас сѐ си замислувам, дека ништо не се случува, но сега сум сигурна дека е вистина, дека има друга! Сега знам што следно треба да направам”. Уште неколку солзи се стркалаа по мојот образ, побрзав набрзина да ги избришам за да не се видат. Марко се приближи до мене, ме гушна, и прошепоте како да има некој во канцеларијата и ќе може да ги слушне неговите зборови: “Те молам не плачи, не вреди, не можам да те гладам таква!”. На крај следеше кратка воздишка, која направи накратко да ме полазат морници по цело тело.
Помеѓу Марко и мене постоеше некаква си хемија, се случуваше некогаш случајно да ни се сретнат погледите, неговите крупни црни очи правеа да почне срцето да ми чука забрзано, предизикуваа возбуда помешана со страв. Страв дека можеби некој од присутните приметил што се случува. Имаше полни сочни усни, кои многу лесно секоја жена можеше да ги замисли на својот врат. Додека неговите раце беа околу мојата половина, а мојата глава на неговото рамо, ми се врати оваа слика во главата која повеќе не мораше да остане само дел од фантазијата. Сѐ што остана од мојот брак се само лагите на мојот сопруг. Рацете на Марко на мојата половина и неговиот тежок парфем само го забрзуваа моето дишење, ја кренав главата од неговото рамо и нашите погледи се сретнаа. Останавме така неколку секунди, изненадени од самата ситуација и со прашање што е следно. После тие неколку секунди немо гледање и отежнато дишење, едната рака на Марко остана на мојата половина, а со другата ме зграпчи за мојата коса и неговите усни се најдоа врз моите. Неговите усни продолжија да се движат по мојот врат и надолу сѐ до моите гради, потоа се најдовме на неготовото биро каде што водевме љубов. Секогаш јас сакав да ја имам доминацијата во спланата соба, но со Марко беше поинаку и не ми пречеше, дури и ми се допаѓаше малата доза на агресија која што ја имаше.
После овој настан со Марко продолживме да се гледаме, дури и немаше потреба да се слушаме за да се договориме, направивме план каде што ги имавме датумите со хотелите каде што ќе се среќаваме. Времето претежно го поминувавме во хотелот, бидејќи го немавме луксузот да се гледаме кога ќе посакаме, а и не беше паметно да не видат заедно. Во меѓувреме најмив детектив за да дознаам која е љубовницата на мојот сопруг. Планот ми беше да поднесам барање за развод со доказите што ги имам, без притоа да го известам Александар, тоа да му биде изненадување.
После еден месец дена откако го најмив детективот дознав дека љубовницата на сопругот е колешка од новите канцеларии, затоа мораше да оди таму толку често. Всушност со нејзе и бил на конференцијата, затоа беа двата билета. Сликите што ги имав беа повеќе од доволен доказ, следно што ми остануваше беше да се консултирам со адвокат и да се започне целата процедура, но до тој момент за жал не дојде.
Пред повеќе од две недели, покрај силните главоболки започна и да ми се замаглува видот, се случувало и претходно да имам главоболки, но не им придавав големо значење, едно апче и главоболката ќе поминеше. Но овој пат беше поинаку, скоро и да изгубив свест. Ова беше аларм за да посетам лекар. После 2 недели испитувања, дијагнозата што ја добив беше шокантна, тумор на мозокот кој е толку пораснат што не може да се оперира, да сум дошла порано додека бил во порана фаза ќе имало спас, но сега шансите за да преживеам ми се скоро никакви. Неколку дена бев во шок, не знаев што да правам. Да ги минам последните денови од мојот живот врзана за кревет со човек кој не сака да биде покрај мене кога сум здрава, а не пак во таква состојба? За мојата болест не кажав никому, му оставив писмо на мојот сопруг дома пред да одиме во хотелот, со сликите од детективот. Му пишав дека знам за неговата афера и неговите лаги кои беа премногу за мене и со кои повеќе не можев да живеам па така “се одлучив на овој чекор“, да си го одземам животот, одлука за која што ТОЈ беше виновен.
Нормално ова не беше причината, не сакав да ја чекам смртта и да страдам додека дојде, решив да го прекинам тоа страдање за кое мојот сопруг не знае, всушност не знае никој! Мојот дел од фирмата му го оставив на Марко, со образложение дека нема да оставам моите пари да ги троши Александар со својота љубовница. Од правен аспект, единствен на кој можев да го оставам мојот дел беше Марко, затоа што тој е еден од партнерите во фирмата и нема потреба од одобрение од останатите партнери, додека за да го препишам мојот дел на кој било друг ќе требаше да одобрат Александар и Марко. Ова дополнително ми го олесни процесот да го оставам мојот дел од фирмата на Марко, а притоа Александар никогаш да не се посомнева дека имало нешто помеѓу нас.
