Ноќ за збогум

Поминаа скоро петнаесет години од ноќта кога за последен пат се видоа. Се немаа сретнато ниту на улица, сѐ до денес кога патиштата им се споија. Во тесната уличка покрај која се простираа кафулиња, таа брзаше да стигне на родителска средба кај синот додека тој иташе на состанок. Кога погледите им се сретнаа, веќе беа само на неколку метри оддалеченост еден од друг и веќе немаа можност да ја избегнат средбата. Прво нешто на што се сетија и двајцата беше ноќта кога се имаа видено последен пат. Застанаа во тесната уличка, ракувајќи се и со краток разговор за децата и работата пробаа да се однесуваат ноншалантно и природно, но напнатоста и непријатноста која се ширеше наоколу не можеше да се сокрие. Иако средбата беше малку непријатна и на двајцата им беше мило што се сретнаа повторно. Оваа средба ги остави будни и двајцата до покасно во ноќта, присетувајќи се на времето што изминало.

Тоа  време кога го преместија во маркетинг тимот каде што работеше и таа, тој имаше 34 години и се чинеше дека има сѐ што некој би можел да посака на тие години. Имаше своја куќа, стабилна врска и добра репутација на работното место каде што беше почитуван од своите колегите. И поркај тоа што беше задоволен од својата врска понекогаш погледот на момент знаеше да му го привлече некоја згодна девојка.

Се случуваше и по неколу пати во текот на денот концентрацијата да почне да му опаѓа и погледот да му избега од мониторот и да почне да се движи кон нејзината дланка на која блескаше прстен под светлината од сонцето која влегуваше низ прозорецот. Прстенот се наоѓаше на претпоследниот прст на нејзината дланка и кај него будеше чувство на завист и љубомора. Знаеше дека нема право и нема зошто да биде љубоморен, но бидејќи не можеше да го спречи тоа чувство сѐ што можеше да направи беше да си се изнасмее сам на себе поради тоа. Погледот полека продолжуваше да му се движи нагоре по нејзината рака, па сѐ до рамената каде што белите тенки рамки од нејзината блуза зрачеа флуросцентна боја, од контрастот со нејзината потемнета кожа од сонцето. Во неговите мисли можеше да ја почуствува нејзината мека и нежна кожа под своите дланки. Тука не застануваше, продолжуваше да го набљудува нејзиниот долг и тенок врат, нејзините костенливи, живи и малку закосени очи, и така стигнувајќи до нејзините румени и примамливи усни, за во еден момент да се свести што прави и веднаш да го заврти погледот кон мониторот.

Таа беше толку задлабочена во својота работа, така што тој беше убеден дека таа не може да го забележи, но вистината беше поинаква. Таа не мораше да ја помести главата за да види каде се наоѓа неговиот поглед, едноставно можеше да го осети, но сепак се преправаше дека ништо не приметува.

Ова не ѝ пречеше, може да се каже и дека ѝ годеше, посебно во моментите кога ѝ недостигаше внимание од сопругот, а тој беше тука, секогаш мил и љубезен. 

Имаше моменти кога неговиот поглед ја правеше нервозна и тоа не ѝ се допаѓаше, беше немоќна да ја спречи вознемиреноста, а не знаеше зошто. Пробуваше да го најде одговорот, знаеше дека не ѝ се допаѓа, немаше на него ништо што би ја привлекло. Не беше нешто посебно убав, единствено што можеше да издвои беа небесно сините очи, тогаш од каде и зошто доаѓаше таа нервоза? 

    Во наредните шест месеци колку што работеа заедно, додека тој не замина во друга фирма, речиси ништо не се смени. Тој си мислеше дека со тоа што ќе ја гледа секој ден, полека ќе исчезне и таа чудесна сила што го привлекуваше кон неа, ќе стане и таа како и сите останати, обична. Но тоа не се случи, љубопитноста по забранетото овошје растеше сѐ повеќе и повеќе, дури во деновите кога му се чинеше многу мачно да оди на работа, таа беше причината да појде.

Во тие неколку месеци, таа се бореше самата со себе, пробуваше исфустрираноста и бесот од дома да не ги пренесе на работа. Кавгите дома со сопругот зачестија, беше незадоволна што сопругот не поминуваше доволно време со неа, барем не толку време колку што таа сметаше дека е потребно. Пробуваше да го разбере и беше свесна дека и тој не е виновен што сѐ почесто мора да останува на работа прекувремено, но ја разбеснуваше тоа што и тој пола час што го имаа слободен, сопругот го поминуваше ѕверејќи се во телевизорот, наместо со неа. Насобраната лутина и бес од сопругот ескалираа вечерта на забавата по повод заминувањето на нејзиниот колега од фирмата. 

Забавата се одржа во еден кубански коктел бар кој се наоѓаше во редицата барови покрај реката. Вечерта беше пријатна, не беше премногу топло и на моменти можеше да се сети пријатно ветре кое доаѓаше од правец на реката. Сите беа расположени и забавата се одвиваше во најдобар ред. После неколку испиени коктели атмосферата стана уште повесела, така што скоро сите беа станати од масите и танцуваа. Некои пробуваа да танцуваат, додека други веќе имаа искуство во латино танци и тоа гордо го покажуваа. 

Таа веќе со години посетуваше часови по латино танци и вистинско изненадување за неа беше кога тој ја покани да танцуваат, не го сметаше за тип кој би знаел да танцува. Додека танцуваа прилепени еден до друг никој од двајцата не изусти ниту еден збор. Таа пробуваше да го урамнотежи забрзаното дишење, а тој беше фокусиран на чекорите сакајќи да ја импресионира и уживаше во нејзиниот мирис, длабоко вдишувајќи и продлжувајќи го задоволството за неговите сетила колку што можеше повеќе. 

Кога заврши танцот и се вратија на масата, таа примети дека има пропуштен повик од сопругот, си помисли тој сигурно кај и да е ќе заминува накај дома после пивото со другарите и ќе дојде да ја собере како што и впрочем се договорија. Но тој ѝ ѕвонел за да и каже дека ќе остане до покасно во град и дека нема да може да ја собере, па најдобро ќе биде таа да си фати такси. На ова таа изнервирано и со повишен тон му рече само “ОК” и му исклучи. Лицето и се вцрвени од лутина и не затоа што маж и ќе остане подолго во град, туку затоа што не може да го испочитува договорот што го имаа. Си помисли во себе дека има да му врати, и тоа за сѐ! Нема никогаш да дознае дали причината за одмазда беше само гневот кој го чувствуваше кон својот сопруг, или пак свој придонес имаше и алкохолот кој не и дозволи да му одолее на искушениото?

Кога се врати на масата сѐ уште лицето ѝ беше вцрвенето од лутина и не можеше а да не се примети дека е изнервирана. Тој забележа дека нешто се случува и ја праша дали е сѐ во ред, таа му ја кажа причината поради која беше изнервирана и го допи на брзина преостанатиот коктел, за веднаш да си порача друг. Велејќи и дека нема потреба да се секира затоа што он ќе ја префрли до дома, ја повлече за половината накај подиумот и продолжија да танцуваат. До крајот на вечерта се забуваваа и се смееја, а таа во меѓувреме испи уште неколку коктели.

По завршувањето на забавата се упатија кон колата која беше паркирана на некои 5 минути одење од барот. По патот тој мораше да ја придржува, затоа што повеќе не беше стабилна на црвените сандали со потпетици од по десет сантиметри. Влегоа во колата и додека тој бараше радио станица си помисли во себе колку прекрасна вечер, за сето ова време таа беше толку блиску до него, а толку далеку, но вечерва додека танцуваа можеше да ја почуствува нејзината кожа и да го осети нејзиниот мирис. Ја запали колата, се заврте кон неа и ја праша каде живее, за да знае каде да вози, но таа со тажен поглед, како некое мало детенце, му рече дека не сака да си оди дома, затоа што сѐ уште е рано. Тој се навали во седиштето насетувајќи каде води ова и уште пред да размисли што да одговири ја праша каде би сакала да одат? Таа одговори: “Хмм, на некое место каде што ќе можеме да ги гледаме ѕвездите”, тој се насмеа и рече: “Знам баш едно такво место”.

Пристигнаа кај вештачкото езеро кое се наоѓаше на десет километри оддалеченост од градот каде што немаше никакво осветлување одоколу, тоа придонесуваше да се видат рој ѕвезди на небото. Излегоа надвор за да го гледаат ѕвезденото небо. Нејзе срцето забрзано ѝ биеше од исчекување за тоа што треба се случи. Тој малку се колебаше дали да го направи следниот чекор, да не случајно нешто погрешно сфатил, но по краткото колебање се реши да се обиде, знаеше дека ако не направи ништо ќе се кае цел живот и ќе се прашува што можело да се случи. 

Се доближи до неа во темнината и ги обви неговите раце околу нејзината половина. Кога виде дека нема никаква негативна реакција од нејзина страна започна да ја бакнува на рамената. Од неговите бакнежи таа се наежи, беше баш онака како и во нејзините мисли. Бакнежите и играта продолжија на задното седиште во колата додека таа повторно се осети посакувано, а тој доби нешто за кое претходно мислеше дека може само да мечтае. 

Но дали се остана исто наредниот ден кога повеќе алкохолот не беше присутен во крвта? Тој се разбуди задоволен од тоа што се случи претходната ноќ и воопшто не чуствуваше вина, едноставно не можеше да ја пропушти шансата што му се пружи. Би бил луд ако ја одбие, тоа би било исто како да добиете седумка на лото и да не отидете да ги подигнете парите. 

Додека пак таа беше задоволна од фактот што му се одмазди на сопругот, го гледаше со таков поглед ко да му се потсмева, дури посакуваше да му каже што сѐ случило само за тој да пати. Кога ќе дојдеше до кавга за малку не ѝ се испушташе сѐ да му плесне во фаца. Но за брзо време работите се сменија, сопругот почна сѐ поретко да останува на работа прекувремено и почна да се враќа сѐ како што беше и претходно. Таа уживаше во времето поминато со сопругот и тоа почна да преставува проблем, затоа што повеќе ја немаше желбата за одмазда. Сега повторно сакаше да му каже на сопругот што се случи таа ноќ и да побара прошка, но се плашеше од последиците. Се каеше поради тоа што го стори, затоа што повеќе немаше мир. Сфати дека сѐ е минливо, поблемите кои ги имаа со сопругот беа само фаза која мине и затоа не требаше да донесува брзи заклучоци, но штетата веќе беше направена. На крајот одлучи дека некои работи треба да останат во минатито и некои тајни засекогаш да останат тајни, за доброто на сите. Одлуката која ја донесе вроди со плод, како времето минуваше чувството на вина полека избледуваше, за сѐ да остане само еден спомен. 

И доколку денес сосема случајно не се сретнаа во големиот град, можеби и навистина ќе изгледаше како никогаш ништо и да не се случило помеѓу нив.

Напишете коментар