Игра на судбината

Дали се сеќавате на времето кога бевте дете и на возбудата и нетрпението кои ги имавте секој пат кога требаше да заминете на училишна екскурзија? Уште пред некој саат пред да заѕвони алармот ќе се разбудевте, ќе се превртувавте во креветот и нетрпеливо ќе го проверувавте часовникот? На триесет и кусур годишна возраст ми се случи истото и мене. Само што јас повеќе не сум дете, па не морав да останам во кревет и да го чекам алармот да заѕвони. И среќа што не останав за што сум премногу благодарен, бидејќи доколку се случеше тоа, мојот живот немаше да биде ист каков што е денес, а најверојатно и животот на многу други личности  повеќе немаше да биде ист. 

Беше неделно утро, и сега сигурно се прашувате која беше дестинацијата поради која бев толку возбуден и не можев да имам мирен сон? Не не беа Алпите, ниту пак некоја егзотична дестинација, туку требаше да одам на риболов на блиската река која е на одалеченост на некои триесетина минути од мојот дом. За мене ова беше подобро од одмор на некоја егзотична дестинација, бидејќи ми даваше чувство на слобода, мир, можност да се опуштам и да заборавам на сите проблеми барем на момент. Не знам дали причината да се разбудам уште во 6 часот наутро беше напорната недела која ја имав па сакав што побргу да заминам од дома, или, пак, можеби затоа што сѐ што се случува во животот се случува со причина. Цела измината недела бев исцрпен од работа, работев до доцните ноќни часови. Требаше да склучиме договор со нов клиент и се додека не се потпиша договорот траеше оваа голгота. Конечно, во четвртокот го потпишавме договорот и мислев дека ќе можам да одморам и да се опуштам малку, но сум немал среќа. 

Во петокот имавме забава организирана од работа по повод новиот клиент, и како и секогаш ја поканив мојата девојка Сара. Таа без двоумење ја прифати поканата, бидејќи секогаш си поминуваме одлично со моите колеги. Но сепак овој пат не беше така. Не знам која беше причината за налудничавото однесување на Сара, дали можеби ПМС или, пак, нејзината бујна фантазија, или можеби онаа жичка на љубомора која што вешто ја криеше, но понекогаш знае да излезе на виделина. На крај и не е битно, битното е дека проблемите за мене продолжија. Сѐ се случи саат време пред да заминеме дома, откако јас и мојата колешка Лара се вративме на нашата маса после краткиот разговор што го имавме со клиентот. Тогаш на лицето на Сара се појави “duck face”. Да, секогаш кога беше лута ги прчеше муцките и многу лесно ќе познаевте дека е лута. По патот кон дома таа цело време молчеше. Ја прашав што е проблемот, зошто е лута, но добив стандарден женски одговор: “Ништо не ми е!”. Значи човече не сум слеп, гледам дека нешто не е во ред, но нели ние мажите треба мисли да читаме.

Решив да не навалувам да ми каже што не е во ред, бидејќи бев доволно уморен уште да треба и да се расправам. Се надевав дека ќе отспие и до утредента ќе заборави на сѐ од претоходната вечер, но тоа не се случи. Наредниот ден после неколку часа муртење ми кажа што е проблемот, она не била слепа, видела како сме се гледале со Лара. Хахахха, озбилно? После долга расправија и објаснувања кои траеја речиси цел час, дојдовме до заклучок дека добро, можеби јас не сум ја гледал Лара “поинаку”, ама таа мене да и дека затоа што јас ја негирам “реалноста” Сара денес ќе си спиела во својот стан. Си помислив во себе па добро и така ми е доста веќе од ова твое детско однесување, така што слободно!

    Во неделата станав порано од планираното, моите напори да поспијам уште малку не вродија со плод, па наместо залудно да се обидувам да заспијам решив да заминам на риболов порано. Крај реката пристигнав во седум часот, опремен со два сендвича, неколку лименки пиво, трската, црви и стол на расклопување. По кратко време го најдов совршенето место за мене, ја спремив трската и се сместив удобно во столчето. Над мене имаше голем јавор чија задача беше да ме заштити од сонцето. Беше месец Мај и во овој период од годината сонцето знаеше да биде прилично силно. 

Сѐ беше раззеленото, а пријатната песна на птиците додатно ме релаксираше. Можев да го сетам своето постоење додека сонцето ги грееше моите нозе низ гранките на големиот јавор, а мајското ветре ми ја бушавеше косата која беше спремна за потшишување. Мирисот којшто се разлеваше насекаде беше комбинација од косена трева со мирис од разни цвеќиња, коишто правеа еден шарен ќилим кој што се простираше до недоглед. 

Така потонат во светот на природата бев убеден дека ништо не може да го наруши овој спокој, кога во еден момент неверувајќи им на своите очи скокнав од столот, само ја соблеков маицата и набрзина се нурнав во реката. Таму плуташе тело на млада девојка за која не знаев дали е сѐ уште жива. Кога стигнав до неа ја потпрев  не мојот грб и почнав да пливам накај брегот најбрзо што можев. Кога стигнав на брегот ја зедов девојката во раце и внимателно јa спуштив на ливадата покрај реката. Кога проверив и увидов дека девојката сѐ уште има пулс, како огромен товар да падна од моите плеќи, но грутката на грлото сѐ уште стоше. Веднаш побрзав да ѝ пружам прва помош, а срцето мислам ќе ми излезеше од гради од страв и паника дека можеби нема да успеам да ја спасам. Кога девојката почна да кашла, грутката која стоеше на моето грло полека почна да ја снемува, девојката беше жива, успеав! Ми идеше од среќа да почнам да скокам, како некое дете кога ќе ја добие долго посакуваната играчка. 

Девојката беше избезумена и исплашена, не знаеше што се случува ниту, пак, каде се наоѓа. Се обидов да ја смирам, ѝ раскажав на кратко што се случи, и ѝ реков дека мора веднаш да одиме во болница. Откако ме ислуша успеа малку да се смири. Веднаш се упативме кон болницата, а јас возев со голема брзина за да стигнеме што е можно побрзо. Додека возев накај болницата ја прашав што се случило за да се најде во реката, но таа ми одговори дека не се сеќава како дошло до тоа. Всушност рече дека дури не си го знае ни своето име. Тогаш сфатив дека таа всушност не ни знае која е. Нејзе ја обзеде паника, очите и се наполнија со солзи и малку недостигаше да почнат да се леат по нејзиното бледо и изнемоштено лице. 

Кога стигнавме пред болницата ја фатив за раката по која што сѐ уште се цедеше вода од мокрите алишта и ѝ реков да не се секира за ништо, набргу ќе се сети на сѐ, тоа е само привремено, а и затоа се докторите тука, за да помогнат. После моите зборови можеше да се види мало олеснување на нејзиното лице, како да доби нова надеж дека ќе се сети на својот живот. 

Во болницата се задржав неколку саати, дојде и полиција и направи записник. Беше тешко да се идентификува идентитетот на девојката без документи кои ќе покажат која е, бидејќи таа го имаше загубено сеќавањето. Претпоставката на полицијата беше дека најверојатно за ден-два нејзините ќе го пријават исчезнувањето и на тој начин ќе откријат која е девојката, па така таа ќе може да се врати дома. Докторите констатираа повреда на главата која всушност довела до амнезија која што, пак, може да трае од неколку дена па сѐ до неколку месеци. 

Според докторите за побргу да ѝ се врати сеќавањето ќе допринесе тоа  да истражува, да посетува места на кои веќе била претходно или, пак, да извршува активности кои ги практикувала, но бидејќи сѐ уште не беше познат нејзиниот идентитет и не познаваа ниту еден член од нејзиното семејство или, пак, пријател таа ќе мораше да остане во болницата.

Пред да заминам влегов во собата кај девојката, сега повеќе не личеше на мало, прекиснато и исплашено маче, повеќе ги немаше мокрите алишта на неа, а кафеави кадрици паѓаа преку нејзините рамена. Кога ме здогледа, не нејзиното лице се рашири срамежлива насмевка, и со нежен и тивок глас ми се заблагодари што сум ѝ го спасил животот, велејќи ми дека цел живот ќе биде мој должник. Сакајќи да се пошегувам и одговорив дека ќе најдеме начин да се одолжи, на пример, една гајба пиво ќе биде доволна. На мојот одговор нејзината насмевка се издолжи и сега можеа да се видат нејзините блескаво бели заби. Сега веќе беше поопуштена и посмирена од претходно поради седативите кои ѝ ги имаа дадено докторите, дури и умееше да направи шега на своја сметка. На моето прашање како се чувствува ми одговори дека и не е толку лошо да не знаеш кој си, затоа што можеби ќе се разочараш откако ќе дознаеш.

Вечерта беше резервирана за уште една кавга со Сара, имав дури 10 пропуштени повици. Кога ѝ се јавив скоро и да ми ја продупчи ушната школка, сѐ што можев да слушнам беше само гракање, како да се наоѓав покрај реката и да слушав некој од галебите кои не се дарувани со милозвучен глас. Сѐ се сведуваше на претпоставки: ”Конечно ти текна да се јавиш! Како не ти е срам? Што сега ме одбегнуваш заради вчера, а?”, и така натаму. Долго е да ви раскажувам, можеби чекав цели пет минути додека да дојдам на ред и јас да кажам нешто. На крај, добив извинување за претпоставкитe.

Кога ѝ кажав на Сара дека наредниот ден ќе одам на посета во болницата, таа повторно се налути. Според неа не беше битно што девојката во моментот нема никој порај себе, тоа не било моја грижа. Сум и помогнал кога било потребно, сум ја спасил од давење во реката и толку! Не се трудев да и го доловам моето гледиште на ситуацијата, затоа што знаев дека тоа нема да смени ништо. Само и кажав дека јас така одлучив и нема да ја променам одлуката. Сара беше толку себечна што ме натера да се замислам дали има поента да си во врска со личност со која не ги делите истите вредности и имате сосема различен поглед на светот? После овие неколку години поминати заедно, следен логичен чекор би бил брак, но како би функционирале заедно и како би ги воспитувале децата со овие разлики? Сето ова ме натера да се запрашам дали е Сара личноста со која сакам да основам семејство? 

Наредниот ден после работа се упатив во болница, немаше промени во состојбата на девојката, но полицијата ја имаше пронајдено нејзината кола во реката. Тоа го објаснуваше фактот за повредата која ја имаше на главата. Пред да заминам од болницата дознавме од полицијата дека девојката се вика Сандра и има 29 години и сега веќе можат да го најдат и да го контактираат нејзиното семејство. На заминување ѝ го оставив мојот телефонски број на Сандра велејќи ѝ дека баш би сакал да ја запознаам кога ќе и се врати сеќавањето, но и пред тоа сум тука ако нешто ѝ притреба. Наредниот ден кога се јавив во болница да прашам за Сандра, таа веќе беше замината. Нејзиното семејство било пресреќно што ја пронашле и сега веќе, според докторите, сеќавањето треба за поскоро време да ѝ се врати, затоа што ќе  биде опкружена со луѓе кои ги познава и кои биле дел од нејзиниот живот. Искрено се надевав дека тоа за брзо ќе се случи.

Наредните три недели ми беа релативно опуштени, на работа го немаше повеќе притисокот од претходно, а со Сара работите полека се смирија и се вратија по старо. Во петокот попладне додека сѐ уште бев на работа, добив повик од број кој не беше мемориран во мојот телефон, слушнав женски глас кој ми рече: Сепак ќе ја добиеш гајбата пиво што ја побара. Молам? Се замислив на неколку секунди пред да сфатам дека тоа беше Сандра, да, тоа беше Сандра! Бев возбуден што воопшто го слушнав нејзиниот глас, не очекував дека ќе ми се јави. Од дргуата страна на слушалката можеше да се почувствува среќата во гласот на Сандра додека ми кажуваше дека ѝ се вратило памтењето и дека кончено може да продолжи со својот живот. 

Ме покани на вечера после работа во ресторан кој се наоѓа блиску до мојата канцеларија, затоа што тоа било најмалку што може да направи во споредба со тоа што јас сум го направил за неа. Љубопитноста која ме надвладеа во тој момент за да ја запознаам девојката која ја спасив тоа неделно утро, не ми дозволи да размислам дали можеби веќе имам нешто испланирано, туку без размислување ја прифатив нејзината поканата. Иако ресторанот се наоѓаше во близина на мојата канцеларија, претходно го немав посетено. По пат само се молев да не се работи за индиски ресторант, бидејќи мојот стомак нема да може да го поднесе тоа, За среќа беше италијански ресторан, си помислив одлично ќе уживам во мојата омилена храна. 

Но не беше само мојот стомак тој кој уживаше, уживав и јас во разговорот кој течеше така спонтано што не приметив кога поминале три часа. Морам да признаам дека додека чекав во ресторанот да се појави Сандра, седнат на бледо кафеавиот стол во левиот ќош од ресторанот со чаша бело вино на масата, имав необјаснива трема и чувство на загриженост кое предизвикуваше да ми се превртува стомакот. Се чувствував како да бев на романтичен состанок. Тремата порасна повеќе кога ја видов Сандра како чекори кон мојата маса. Повеќе го немаше бледото лице од болницата, сега нејзиното лице блескаше. Косата која претходно и паѓаше преку нејзините рамена сега беше собрана и го издолжуваше нејзиниот врат на кој висеше ѓердан. А бледо зелениот, прилепен фустан ја истакнуваше нејзината совршена фигура, нагласувајќи го секој дел од нејзиното тело. 

Успеав да се приберам и да ја потиснам мојата трема после првите неколку минути на разговор. Она што успеав да го дознаам за Сандра оваа прекрасна вечер беше дека таа работеше како издавач на книги, исто како и јас. Тука имавме доста заеднички теми за разговор. Обожаваше италијанска храна (што не беше чудно со оглед на ресторанот што го имаше одбрано). Нејзини хобија беа планинарење и јога. Смислата за хумор која ја поседуваше дојде до израз ушто при нејзиното пристигнување во ресторанот. Ми се извини за гајбата пиво што сѐ уште не сум ја добил, но не успеала да ја најде мојата адреса. 

Пред да заминеме од ресторанот, Сандра ми кажа дека нејзините родители и дечко ѝ со нетрпение чекале да ме запознаат за да можат и лично да ми се заблагодарат за тоа што го сторив за нивната сакана. Но јас се обидував на секој можен начин да ја избегнам оваа средба. Ме плашеше фактот дека таму ќе биде и нејзиниот дечко и можеби ќе забележи на каков начин ја гледам неговата девојка, иако со сите сили се трудев да ги блокирам мислите кои ми поминуваа низ главата. За среќа не договоривме ништо за сега, оставивме за понатаму кога ќе имам  “помалку обврски”. 

Во наредните две недели барав причина за да можам да ја видам Сандра повторно, посебно кога имав напорен ден. Знаев дека разговорот со неа ќе ме опушти и ќе можам да заборавам на проблемите барем на момент. Можев да ја поканам на кафе без никаква причина, но се плашев дека тоа би било чудно. Но од друга стана пак зошто да биде чудно кога ние не правиме ништо лошо. Сепак не се одлучив на тој чекор и чекав да најдам доволно убедлива причина. 

Како кец на десетка се случи промоцијата на книга на еден од нашите писатели, тоа беше настан кој Сандра не би го пропуштила со оглед на својата професија, и како што и претпоставив, таа беше воодушевена од поканата и со задоволство ја прифати. Следно што требаше да смислам е како да се извадам за Сара да не дојде со мене на промоцијата. Како прво беше многу веројатно дека ќе направи љубоморна сцена кога ќе дознае дека сум ја поканил Сандра. Како второ, да бидам искрен сакав да поминам повеќе време со Сандра насамо. Промоцијата беше во петок навечер. Сара не би поминала петок вечер дома, освен ако не е принудена. Па затоа решив да ѝ предложам да организира собиранка со пријателите, за јас во петокот да се сетам дека всушност има промоција на книга и нема да можам да ја придружувам. Сигурно ќе биде многу лута, но ќе купам некој поклон, ќе се извинам и сѐ ќе заборави.

 За време на промоцијата немав доволно време да ѝ посветам на Сандра, па ѝ предложив да седнеме некаде потоа каде што ќе можеме да продискутираме за книгата. Седнавме во еден бар во близина и како и минатиот пат не приметивме кога времето летнало, а ниту пак колку пијачки имавме испиено. Во текот на овие неколку саати разговаравме за многу работи, почнувајќи од промовираното дело, па сѐ до поентата на животот. 

На станување од барското столче Сандра се занесе, тогаш сфатив дека можеби малку сме претерале со пиење. Инсистирав да ја испратам до дома за да се осигурам дека ќе стигне безбедно, иако и јас не бев баш трезен. Кога стигнавме пред нејзиниот стан ѝ помогнав да ја отклучи вратата, бидејќи имаше потешкотии да го погоди клучот во бравата. Кога влеговме во станот таа се спрепна од кафениот килим кој се наоѓаше на едно метро оддалеченост од врата, побрзав да ја фатам за да не се струполи на земјата. Успеав да ја фатам за половината за да не удри на подот и тогаш прснавме и двајцата да се смееме. Таа се заврте кон мене, ми се фрли во прегратка и ми рече смеејќи се: “Што ќе правам јас без тебе? Гледаш, повторно ми го спаси животот?”. За миг погледите ни се сретнаа, а таа се приближи кон мене со намера да ме бакне. Не е дека и јас не го посакував истото, но не сакав да мисли дека сум го искористил моментот на нејзиното пијанство. По краткиот бакнеж, успеав да одолеам на вкусот на нејзите усни и најдов сила да ја отргнам од себе. Ја прашав дали е сигурна дека ова е тоа што го сака, а таа ми одговори дека никогаш не била посигурна. Продолжија бакнежите со позасилен интензитет, a јас побрзав да го свлечам црниот сатенскиот фустан кој се протегаше по нејзиното тело па се до нејзините колена. Брзав да го осетам и да го вкусам секој дел од нејзиното тело.

Пред да заминам ја преместив Сандра во нејзината спална соба. Додека ја носев во спалната соба, длабоко вдишав да го почуствувам мирисот на нејзината коса обидувајќи се да остане врежан што е можно подолго во моите сеќавање. Успеав во цел тој хаос да најдам прекривка за да ја покријам. Имаше еден куп алишта расфрлани на креветот кои морав да ги соберам за да има каде таа да легне. И реков дека ќе го земам клучот кој стоеше од внатрешната страна на влезната вратата и ќе заклучам од надвор, а клучот ќе го оставам под ќилимчето кое се наоѓаше пред вратата. Не сум баш сигурен дека сето ова што ѝ го кажав го запамети. Ја бакнав и заминав. 

Кога стигнав дома Сара сѐ уште беше будна, пробав да глумам дека сум изморен и да ја сокријам насмевката која пробуваше да се рашири на моето лице. Набрзина се истуширав, се нурнав во креветот и веднаш заспав. Да бидам искрен, воопшто не чусвстував вина поради тоа што ја изневерив Сара. Никогаш претходно не сум ја изневерил, ниту пак некоја од претходните девојки и мислев дека не би можел да спијам поради грижа на совест. Но сега беше сосема спротивно, штом се најдов на креветот веднаш потонав во длабок сон. Можеби затоа што Сара не беше онаа вистинската, па затоа и ја изневерив.   

Во наредните пет дена немаше ниту трага ни глас од мене. Знам дека е многу лошо да не ѝ се јавиш на девојката со која си спиел, но сега ситуацијата беше поразлична Јас имав девојка и Сандра имаше дечко. Не знам кои беа нејзините очекувања, но затоа пак јас решив да расчистам сам со себе, да видам што е тоа што го сакам и потоа да играм со отворени карти. Откако бев начисто со моите очекувања е ѝ се јавив на Сандра и прво се извинив за тоа што не се јавив порано и ја замолив да се видиме за да може да поразговараме. Се сретнавме во кафулето кое се наоѓаше до мојата канцеларија. И кажав дека иако не се знаеме долг период, сме се виделе неколку пати, и можеби ова ќе и звучи чудно, но тие неколку пати беа доволни за да ме натераат да сакам да поминувам повеќе време со неа.  Доколку и таа го дели истото мислење со мене нема да биде проблем да раскинам со Сара. Таа не негираше дека ужива во времето поминато со мене, но сепак ќе ѝ требало време за да размисли дали сака да стави крај на својата врска. Не бев среќен од одговорот што го добив, но бев решен дека нема да се откажам од Сандра. Доволно беше тоа што ќе останеме пријатели, така јас ќе можам да се погрижам таа да го промени своето мислење.

 После неколкуте пријателски средби, наредните средби кои продолжија не останаа само пријателски. Страста која беше разгорена помеѓу нас  двајцата сепак не ја остави Сандра рамнодушна. Се гледавме без никој да знае во наредните неколку месеца, додека  таа не одлучи да стави крај на нејзината врска, а и јас на мојата. Всушност не бев јас тој што стави крај на мојата врска со Сара, туку Сара. Морав да наоѓам еден куп изговори за времето кое го поминував со Сандра, така што Сара почна да се сомнева дека нешто се случува. Еден ден додека се туширав ми го проверувала телефонот и пронашла пораки од Сандра. Тоа беше страшно нешто! Слушнав врескање и работи како се кршат. Веднаш се стрчав во дневната соба да видам што се случува. Едвај спасив жива глава. Пробав да ѝ дадам објаснување на Сара, но реално немаше што да се објасни. Најбитно беше таа да се смири и да престане со дивеењето. Една од работите кои ми ги кажа беше дека повеќе не сака да ме види, после се што таа направила “за нас” јас и враќам на ваков начин.

После ставањето крај на мојата врска со Сара, Сандра полесно се одлучи да ја заврши фарсата со својот дечко и да не мораме повеќе да ја криеме нашата врска.  И еве до ден денес сме сѐ уште заедно и среќни, а јас веќе почнав да размилувам и за прстен. Бескрајно сум благодарен што тоа неделно утро заминав порано на риболов од планираното, бидејќи денес немаше да се разбудам покрај Сандра. Уфф најверојатно тука ќе беше Сара и немаше да го живеам истиот живот што го живеам денес. Таа случка го промени мојот живот и му даде сосема нов и дефинитивно подобар правец.

Напишете коментар